Канцеларијата на ЕУ во Косово ги повика косовските парламентарци денес да ја отфрлат иницијативата за укинување на законот за специјален трибунал за воени злосторства.
Иницијативата за укинување на законот за специјален трибунал и канцеларија на специјалниот обвинител, покрената од 43 пратеници во парламентот на Косово, создава голема загриженост во ЕУ и нејзините земји-членки“, соопштено е од канцеларијата на ЕУ во Приштина.
„Секој обид да се отповика или промени мандатот на специјалните инстанци, сериозно ќе ја наруши обврската преземан од страна на Косово уште од 2014 година и ќе ги загрози заедничките напори на ЕУ и Косово во областа на владеењето на правото, што негативно ќе влијае врз односите на Косово со ЕУ“, се вели во соопштението.
ЕУ апелира кон иницијаторите во парламентот да се повлечат и ги поздрави политичките лидери, медиумите и граѓанското општество кои „го кренаа својот глас против овие штетни иницијативи во парламентот“.
За напредокот на Косово кон интеграцијата во ЕУ, вклучувајќи ги и искрените напори кои Косово ги вложува со цел да се загарантира демократијата, владеењето на правото, човековите права и помирувањето, денеска има потреба од поддршка, повеќе од било кога. Косовските лидери треба да го задржат Косово цврсто на европската агенда, која а дели регионот на Западен Балкан, во согласност со желбите и очекувањата на луѓето во Косово, се додава во соопштението.
Законот за специјалниот суд за воени злосторства во Косово беше усвоен во 2015 година. Седиштето на Судот е во Хаг и е одговорен за злосторствата извршени за периодот 1998-2000.